Јолевски најави зголемување на буџетот на Министерството за одбрана

12.08.2014 13:08

Во Министерството за одбрана се подготвува предлог за зголемување на ставката од буџетот за армијата. Предлогот ќе биде готов до крајот на неделата. Ова се однесува на стратегија од 3 до 5 години, најави министерот Зоран Јолевски за кого соработката со до домашните компании е од првостепено значење...

Ако се суди според виденото, армиските капацитети се во добра кондиција. Но, скапото одржување носи неопходност од средства, а тоа претпоставува и поголем,  посоодветен буџет. Предлогот до Владата со зголемени ставки ќе биде доставен до крајот на неделава.

„До 15-ти, до петок треба да го доставиме предлогот за буџетот. Во овој буџет има серизоно зголемување на средствата како за модернизација, така и за животот на припадниците на АРМ“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Да се намалат трошоците за да се пренасочат средствата во модернизација во најнеопходните сегменти, стратегија на Министерството во наредните три до пет години.

Министерот Јолевски најави дека планира да работи на подигнување на буџетот на одбраната за да се обезбедат сите оптимални услови на припадниците на Армијата и на Министерството за одбрана, но и побрз армиски техничко- технолошки развој. На неговата агенда високо котира и соработката со компаниите во Република Македонија.

За ова Јолевски веќе имал средби со неколку домашни компании. Идејата е да се поврзе патриотизмот на војниците со опремата произведена во Македонија. Истовремено продолжува соработката со НАТО армиите, а Турската уште еднаш ја докажа преку даруваната нова опрема од милион евра.

„Последната донација се однесува на комуникациска опрема, како и униформа и комплети кои следуваат на еден припадник на АРМ“, изјави генерал-потполковник Горанчо Котески, началник на ГШ на АРМ.

Министерот Јолевски во армискиот Ремонтен центар укажа дека вакви центри се дел од стандардите на Алијансата. За нивно функционирање е неопходно тековно снабдување со резервни делови, но и соодветна бројност на персоналот.

 

Зоран Богатинов