Од денеска трговците можат да ги формираат цените, заврши ограничувањето на маржите од 5%
За 1 Мај не работеа, ама од денеска трговците слободно можат да ги формираат цените, откако заврши ограничувањето на маржите од 5% со кои се продаваа млекото, лебот, брашното, јајцата, маслото, јогуртот и другите производи опфатени во 102 групи производи, или над 1.000 артикли...

Лебот, млекото, јајцата, брашното, јогуртот, маслото за јадење од сега ќе се продаваат без ограничени маржи. Заврши владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи, што беше во сила од 20 февруари. Со ова, трговците повторно имаат слобода да ги одредуваат цените на повеќе од 1.000 производи. Граѓаните со поделени ставови. Едни тврдат дека дел од трговците веќе залепиле нови, повисоки цени, а други, дека барем за сега цените се исти.
Од Владата велат дека нема да дозволат да има трикови кај дел од трговците. Секоја манипулација, според премиерот, ќе се казнува. Мицкоски ја оцени мерката како успешна.
Од Државниот пазарен инспекторат потврдија дека во следниот период ќе се врши мониторинг кај производителите, увозниците, дистрибутерите и маркетите.
Мерката за ограничување на маржите стартуваше на 20 февруари, а заврши на 30 април. Опфатени беа 102 групи производи, со ограничување на маржите од 5 до 15%.
Борис Грујоски
