Македонија

Вработените во ЗОО излегоа на протест

02.05.2025 14:01

Од Синдикатот информираат и дека од вчера немаат повеќе ни здравствено осигурување, што особено ја отежнува ситуацијата на вработените кои во моментов се на боледување. Бараат итно решение на проблемот, во спротивно најавија радикализација на протестите и штрајк...

Не протестираме против никого, туку поради тоа што немаме земено плата веќе 45 дена, порака од денешниот протест на вработените во скопската Зоолошка градина. Од Синдикатот информираат и дека од вчера немаат повеќе ни здравствено осигурување, што особено ја отежнува ситуацијата на вработените кои во моментов се на боледување. Бараат итно решение на проблемот, во спротивно најавија радикализација на протестите и штрајк.

Првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура, Јоаким Неделков, бара итна средба со в.д директорот на установата Зоран Попов, а не исклучува ни нејзино затворање.

Според в.д директорот на Зоолошката, Зоран Попов, 50-мината вработени кои се грижат за околу 500 тини животни, немаат земено плата по вина на Министерството за култура, а не на менаџментот. Попов вели дека од страна на министерството добил насоки за незаконска пресметка на мартовската плата, спротивно на колективниот договор. Министерот за култура, Зоран Љутков пак, информира дека сè уште ја немаат добиено пресметката, која потоа треба да биде испратена до Финансии.

 

Марија Котовска