Пад на Македонија за шест места на Индексот на слобода на медиумите
Пад на Македонија за шест места на Индексот на слобода на медиумите, покажува извештајот на Репортери без граници. Годинава земјава се најде на 42 место, за разлика од минатиот извештај каде што беше на 36-то место. Македонија е последна во групата земји од регионов каде што состојбата со медиумите е задоволителна..Р

Од 36 на 42 позиција, Македонија падна шест места на Индексот за слобода на медиумите, изготвен од Репортери без граници. Влошување има кај 3 од вкупно 5 индикатори. Пад има во политичкиот, социјалниот индикатор и во економскиот показател, а незначителен пораст во однос на правната рамка и безбедноста.
„Новинарите не работат во непријателско опкружување, но широко раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Владините претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, пишува во извештајот на Репортери без граници.
Здружението на новинари на Македонија, извештајот го оцени како реален и балансиран приказ на состојбите, кој јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи. За ЗНМ клучни приоритети во подобрување на состојбите треба да е усогласувањето на националното медиумско законодавство со европскиот акт за слобода на медиумите и формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, со цел зајакнување на независноста и одржливоста на професионалното новинарство.
„Политичарите, особено оние на позиции на моќ, треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите. Преку јавно признание на улогата на новинарите во демократското општество и воздржаност од навредлив говор, може значително да се подобри целокупната медиумска средина и да се зајакне довербата на јавноста“, велат од ЗНМ.
Партиите се обвинуваат меѓусебно кој е виновен за состојбите во медиумите.
Македонија е последна во групата земји со задоволителна состојба на медиумите. Од регионот, подобри од нас се Словенија и црна гора, полошо стојат Хрватска, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Србија и Косово. Извештајот нотира дека слободата на медиумите низ целиот свет е полоша од кога било претходно.
Миле А. Ристески
