Стартува новата туристичка сезона во Охрид, градот преполн со туристи
Охрид преплавен со туристи. Најбројни се туристите од соседството, Србија, Бугарија, Албанија и Грција, но ги има и од европските и азиските земји. Први мај навестува плодна сезона …

Охрид деновиве полн со туристи. Сместувачките капацитети исполнети над 80%. Најбројни за Првомајските празници се групите од соседна Србија. Тие се тука од вчера, остануваат се до недела. Ги има и домашните туристи, групи од Црна Гора, Словенија, Грција, Бугарија, Турција, но и од европските и азиските земји.
„Луѓето може да се релаксираат за овие празници. Мора да се спомене и добрата гастрономија, вината, се повеќе луѓето кои доаѓаат уживаат во добрата кујна. Мислам дека се тоа заедно носи една добра приказна“, вели Олег Маленко- туристички работник.
„Доаѓаат многу азиски гости од Јапонија, Виетнам, Малезија и многу се чудат на староста антиката традицијата и посебниот начин на живот“, вели Тања Скепароска -туристички водич.
Туристите се воодушевени од Охрид. Ги посетуваат излетнички места, музеите, културно историските споменици, црквите, уживаат во прошетките со бродовите.
„Градот е многу убав, за езерото е сè уште ладно но ми се допаѓа градот преубаво е“.
„Имаме овде стан па малку да смениме за празникот да искористиме убаво е времето“.
„Супер е да кажеме езерото е најубаво, за езерото дојдовме. Денес ќе разгледуваме“.
„Преубаво, прекрасни луѓе храна секоја чест Македонци. Преубаво е воодушевени сме од вашата љубезност“.
Првомајските празници го означуваат официјално почетокот на туристичката сезона на брегот на Охридското Езеро.
Соња Рилковска
