Македонија

Струмица најави рушење на угостителските објекти на јавни површини

03.05.2025 13:38

Општина Струмица најави дека до средината на јуни ќе почне да ги руши објектите и платформите на јавни површини поставени од угостителите кај кои се констатирани неправилности. Угостителите пак, бараат од локалната власт да се стопира процесот и да се почека Правилникот договорен меѓу ЗЕЛС и Министерството за транспорт…

Угостителите кои користат јавна површина, а не постапиле по констатираните неправилности од страна на општинските инспектори ќе бидат казнети, а подигнатите објекти ќе бидат рушени. Тоа ќе се случи најдоцна до средината на јуни кажа градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. Тој неодамна најави дека 24 правни лица го загубиле правото за користење на јавна површина.

Дел од угостителите во Струмица побараа да се запрат постапките, бидејќи ЗЕЛС по донесен став на УО и Министерството за транспорт, договориле изготвување на Нацрт-правилник за уредување на стандардите и нормативите за поставување урбана опрема.

„Бараме од ваша страна да се запрат сите постапки за присилно административно извршување по инспекциска мерка од општински градежен инспектор, сè додека не се донесе унифициран правилник за стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема кој ќе важи за сите општини“-стои во барањето на угостителите до градоначалникот Костадинов.

После трагедијата во Кочани, градоначалникот на Струмица издаде наредба за вонредни инспекциски надзори на сите правни субјекти во општината со посебен фокус на угостителите.

Според првиот човек на Струмица, над илјада квадратни метри јавна површина во градот се претворени во угостителски објекти. Најави дека ред мора да има и во оваа област.

Ване Трајков