Македонија

Охрид: Сè повеќе млади се одлучуваат за студии во странство

03.05.2025 15:05

Во изминатите неколку години се зголемува бројот на матуранти кои одлучуваат да го продолжат образованието во странство. Професорите велат дека во моментов тоа е тренд во регионот, при што укажуваат дека македонските факултети постојано нудат нови студиски програми и други можности кои ги исполнуваат сите европски стандарди. Намалениот број студенти на македонските факултети според нив е резултат на масовното иселување од земјава.

Додека државата и компаниите веќе подолг период прават напори да ги задржат младите образовани стручни кадри, во последните неколку години се актуализира и прашањето со одливот на матуранти и студенти кои запишуваат постдипломски студии на високообразовните институции во земјите членки ЕУ. Според некои истражувања годишно 10 проценти од матурантите заминуваат во странство, а најпривлечна е Словенија.

„Чинам дека таму е бесплатно студирањето на нашите студенти, сега и постдипломските студии веќе се бесплатни. Мислам дека тоа е стратегија на Словенија да донесе поголем број студенти затоа што и тие имаат иселувања во нивната земја, па за да ги задржат кај нив“, вели проф. д-р Александра Силоска Николова – универзитетски професор.

„Можностите што ги нудиме не се многу далеку од тоа што го има Европа и останатите универзитети во однос на делот до пристап на знаење, пристап до технологии“, додава проф. д-р Александар Карадимче – универзитетски професор.

„Ако индустријата се зајакне што зависи главно од политиката на нашата држава ќе се зголеми и интересот за студирање, дали на машинскиот, електро и другите факултети“, изјави доцент д-р Александар Герасимоски-Машински факултет Скопје.

Професорите велат дека е тренд помеѓу младите во земјава и регионот да студираат на престижни факултети во ЕУ. Сепак укажуваат дека во последните две години бројот на запишани студенти запишани на македонските универзитети полека се стабилизира.

„Сега, засега размислувам да си продолжам во Скопје, да го продолжам моето студирање на Машински факултет.

„Имаме доста можности во Македонија. Во нашата држава се нуди, гледам сега повеќе млади се повеќе работат и се трудат нешто да направат во нашава држава“.

„Многу сакам Машински факултет, а единствено што ме спречува да одам е дистанцата, што треба да одам во друг град“, велат младите кои ги анкетиравме.

Заминувањето на младите да студираат во странство неспорно влијае на бројот на запишани студенти на македонските факултети, но сепак според професорите главна причина е масовното иселување на цели семејства од земјава.

Сашо Нелоски