Македонија

Куманово: Вработени обвинители, недостасуваат соработници

03.05.2025 13:59

Кумановското јавно обвинителство во моментов работи со десетмина обвинители. Недостасуваат уште двајца но и стручни соработници. Лани решиле скоро 70 отсто од предметите. Го покриваат североистокот, со двата фреквентни гранични премини, Табановце и Деве Баир.

Кумановското јавно обвинителство доби двајца нови обвинители. Во моментов функционираат со десетмина. Според систематизацијата недостигаат уште двајца. Но поради големиот регион којшто го покриваат и бројот на предмети, недостиг има и на вработени во стручната служба, дактилографи, друг помошен персонал.

„Дактилографи немаме, само еден за сите, обвинителите се принудени сами да спремаат, да куцаат да пуштаат и покани, едниот дактилограф не може да стигне, да ги удоволи сите потреби на јавните обвинители. Таа секогаш им помага на повозрасните обвинители кои имаат и проблеми со да кажам со куцањето“, истакна Теута Бедиу Рамадани, шефица на Основно јавно обвинителство Куманово.

Обвинителството лани постапувало по кривични пријави против 1.448 лица. Од нив 69 отсто се навреме завршени. Но, установата работела и по речиси 1.000 други пријави.

„Имаме кривични пријави и против малолетни сторители 123 деца биле пријавени за сторено кривично дело. СЕЧИ. Имаме лани определно 28 притвори, тоа се претежно за тешки кривични дела, каде што се очекува опасноста од бегство и за странски сторители“, дополни обвинителката.

Од обвинителството ги повикуваат граѓаните да соработуваат со нив и полицијата и да пријавуваат кривични дела.

Основното јавно обвинителство Куманово работи на најтешките кривични дела, но во последно време зачестија и пријавите за злоупотреби на службена положба, проневери во служба, несовесно работење, давање поткуп.

Установата го покрива североисточниот регион, со двата фреквентни гранични премини, Табановце и Деве Баир.

Елена Георгиевска