И вториот полски тур-оператор ги откажа летовите до Охрид
Оваа летна сезона на охридското крајбрежје ќе ги нема туристите од Полска. По „Реинбоу“, летовите до Охрид ги откажа и вториот полски тур-оператор „Рего Бис“. И покрај тоа што државата ги зголеми субвенциите за полските туристи од 35 на 65 евра по лице, туроператорите откажаа поради тоа што хотелиерите ги поскапија цените.

И „Рего Бис“ нема да лета до Охрид. По откажувањето на најголемиот полски тур-оператор „Реинбоу“, и покрај покачувањето на субвенциите за полските туристи на 65 евра по лице од страна на државата, и „Рего Бис“ ја донесе истата одлука.
Причината се високите цени, охридските хотелиери не понудиле „ол инклузив“ услуга, со образложение дека не им се исплатува и немаат доволно персонал.
Загубата оваа сезона се десетина илјади туристи помалку од Полска и голем пад во бројот на ноќевања.
„За жал не откажаа само Полјаците, има голем број на групи кои или се на стендбај или ги намалуваат бројот на гости или комплетно откажуваат. Се чувствува разлика и во однос на бројот на ноќевања, квалитетот на гостите кои доаѓаат. Тие сите чартери требаше да започнам мај јуни компанијата Реинбоу планираше да доаѓа, но откажаа не беа задоволни до цените кои им беа понудени“, вели Ана Јанческа Дуданоска, туристички работник.
Оваа сезона туристи од Полска ќе има само преку авиокомпанијата ЛОТ до Скопје со индивидуални аранжмани. Туристичките работници велат мора да се работи на воведување на нови авиолинии.
„Почнуваат некои резервации да прават со Лот нивната авионска компанија којашто треба да лета до Скопје, но тоа не е бројчено како што беше претходно и нема да ги имаат ол инклузив услугите само полупансион или фул борд некој скратен“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
„Треба да се поработи на привлекување на повеќе гости во смисла повеќе авионски линии да работиме на тоа како што го прават соседните држави и доста летови ни земаат. Како на охридскиот така и на скопскиот аеродром треба да се поработи на тоа за да се зголеми бројот на туристи“, додава Марко Танески, туристички работник.
На релација Охрид Варшава „Реинбоу“ оперираше од 2018 година, „Рего Бис“ Катовице – Охрид од 2016 година, од јуни до септември во сезона носеа од 10 до 16 илјади гости.
Соња Рилковска
