Украина

Зеленски го одби предлогот на Путин за прекин на огнот

03.05.2025 12:46

Русија изврши жесток напад во Харков. Зеленски го отфрли предлогот на Путин за тридневно примирје и порача – Москва не може да ја гарантира безбедноста на лидерите кои ќе присуствуваат на парадата на 9-ти мај …

Украинскиот фронт продолжува да гори. Нови руски напади врз Харков. Украинските власти тврдат дека беспилотни летала погодиле 12 локации во градот. Повредени се десетици луѓе, оштетени се згради и цивилна инфраструктура.

„Бев во бањата и сè беше во ред, потоа снема струја. Одеднаш вратата падна врз мене и стаклото се распрсна, излегов од просторијата и видов дека се беше прекриено со чад“, вели Марина Јаременко, жителка на Харков.

Русија, пак, јавува за украински напади со дронови во Краснодарската Област. Во Новоросијск прогласена вонредна состојба.

„Брегот на Црно Море на краснодарската територија беше подложен на масовен напад од страна на режимот во Киев. Најтешките последици се во Новоросијск. Оштетени се три станбени згради и повредени се четири лица“, напиша гувернерот на Краснодарската Област.

Киев го отфрли предлогот на Путин за тридневен прекин на огнот по повод Денот на победата 9 Мај-истакнувајќи дека шефот на Кремљ не може да ја гарантира безбедноста на светските лидери. Бараат САД да го зголемат притисокот врз Москва да прифати примирје според условите на Трамп.

„Русија продолжува да одбива целосен, долгорочен прекин на огнот – нашите партнери веќе се уморни од овие руски манипулации. Ги браниме нашите позиции и ќе дејствуваме соодветно – и на фронтовските линии и во нашите акции на руска територија. Војната мора да се почувствува таму, од каде што првично почна“, изјави Зеленски.

Путин одбива да прави отстапки и останува на своите позиции додека Вашингтон најави дека подготвува нови економски санкции да изврши притисок врз Кремљ, иако е неизвесно дали Трамп ќе ги потпише. Во истовреме, Пентагон објави дека Стејт департментот одобрил пакет вреден 310 милиони долари за обука и одржување на борбените авиони Ф-16 за Украина, како и соодветна опрема.

Бојана Крстевски