Уставен суд

Конечна одлука за Законот за јазиците по локалните избори

03.05.2025 15:48

Подготвителната седница на Уставниот суд за Законот за јазиците закажана за 19-ти јуни. Конечната одлука се очекува наесен, по локалните избори. Судот бара процесот да не се политизира, но ДУИ веќе се огласи. За нив, ова е сигурен сигнал дека решението ќе се укине со што се подрива Охридскиот рамковен договор …

Еднаш одложена поради трагедијата во Кочани, уставните судии ќе ја одржат подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците на 19-ти јуни, објави претседателот на Судот, Дарко Костадиновски во интервју за емисијата „Трилинг“.

Тој смета дека по седницата ќе бидат потребни околу два месеца за сумирање на сите мислења и дека, најверојатно, конечната одлука ќе се донесе по локалните избори во октомври.

Уставниот суд ќе бара и меѓународни мислења за Законот за употреба на јазиците.

Од ДУИ реагираа дека Уставниот суд не е повеќе независна институција, туку продолжеток на власта и оти ваквите најави значат дека ќе се укине решението.

„Овие случувања откриваат една горчлива вистина: еднаквоста и соживотот се ставени на нишан од самите институции кои треба да ги штитат“, велат од ДУИ.

Пропадна планот на ДУИ за дестабилизација на државата, возвратија од ВРЕДИ.

„ДУИ беше подготвена да го жртвува албанскиот јазик само за една ниска цел: да се врати на власт по секоја цена. Не грижете се, албанскиот јазик не е предмет на преговори“, реагираа од ВРЕДИ.

Слични реакции до Уставниот суд од ДУИ имаше и за укинувањето на „балансерот“.

Ирина Гелевска