Инфраструктура

Почна изградбата на новиот автопат Тетово-Гостивар

03.05.2025 16:12

Забревтаа багерите и булдожерите. Почна изградбата на новиот автопат Тетово – Гостивар, проект вреден 90 милиони евра. Делницата долга 18 километри е дел од коридорот 8 што ја поврзува земјава со пристаништата на исток и запад. Треба да придонесе за поголем економски развој на земјава. Проектот треба да биде готов во 2027-та година…

„Ние не ветуваме, ние градиме“, рече премиерот Мицкоски на почетокот на изградбата на новиот автопат Тетово-Гостивар. Тој посочи оти со коридорите 8, 10 и 11 сме единствена држава конектирана со правци кои претендираат да се со паневропски коридори, преку кои се поврзување со сите пристаништа во регионот.

Министерот за транспорт и врски Николоски посочи дека во јуни лани биле експроприрани само 560 парцели на трите делници, а оттогаш е стигнато до 2.450 парцели.

Договорот за оваа делница е потпишан во март 2023-та, а во јули 2024-та наследивме само две информативни табли. Сега, се работи на трите делници, односно на Прилеп-Битола, Гостивар-Букајчани и Тетово-Гостивар, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.

На свеченоста посочено дека само на коридорот 8 се ангажирани 1.700 луѓе, половината од нив локално население, а до почетокот на летото бројката на работници ќе биде 2.600.

Предвидено е на делницата од 17,5 километри да се изградат девет надвозници кои ќе ги поврзуваат локалните патишта.

Миле А. Ристески