Земјоделство

Почна сеидбата на ориз во кочанско

04.05.2025 11:29

Дали климатските промени и долготрајните суши ќе ги намалат површините под ориз? Се чека АД „Водостопанство на Македонија“ да пресече дали заради недоволно вода во акумулацијата Калиманци ќе се кратат површините под ориз. Земјоделците се незадоволни и од состојбата на каналите за наводнување…

Почна сеидбата на оризот во кочанско, годинава планирана на околу 4.500 хектари. До сега засеани се само 220 хектари со водите на Кочанска, Оризарска река и Осојница. Водата од акумулацијата Калиманци сè уште не е пуштена во системот.

Според надлежните каналскиот систем е подготвен, над 120 километри земјани вади и канали се исчистени, подготвен е и десниот магистрален канал. Земјоделците велат дека системот за наводнување е запоставен.

Голем проблем е и количината на вода во Калиманци. Моменталните 77 милиони метри кубни вода не се доволни за стабилно наводнување на 4.500 хектари, се размислува за намалување на површините.

Доцнењето на сеидбата ги доведува во ризик од мрзнење на есен крупните сорти меѓу кои е и „Андреа“-најпознатиот кочански ориз. Годинашната сеидба почнува со околу 10 илјади тони неоткупена арпа, откупот за стоковите резерви не е почнат, а не се исплатени и шесте денари за откупен килограм арпа од минатогодишниот род.

Славица Величковска