Утврдени се мерките со кои Струмица ќе се бори против аерозагадувањето
Предложени се 20 мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во Општина Струмица кои треба да се реализираат во наредните четири години. Станува збор за план со мерки за кои одговорна ќе биде општината во поглед и на имплементација и на финансирање…

Замена на печките на огревно дрво со топлински пумпи, субвенционирање на топлинска изолација на домаќинствата, нивна гасификација, редовно миење и чистење на улиците. Ова се дел од приоритетните мерки во Планот за подобрување на квалитетот на воздух во Струмица до 2029 година. Реализацијата на овој план ќе зависи од општинските власти кажа Филип Стојановски, од Центарот за климатски промени.
Во планот се поместени вкупно 20 мерки за да се намали аерозагаденоста во Струмица. Сите тие исклучиво зависат од општинските власти, а не од државните органи. Општината ќе одлучува колку пари ќе потроши секоја година за спроведување на дел од мерките.
Последната студија покажа дека затоплувањето на домаќинствата со огревно дрво е најголемиот загадувач на воздухот во Струмица. Планот со мерки е класифициран и по годишни времиња.
Во пролетните и летните месеци се препорачува изградба на вело патеки и зголемување на бројот на корисници на велосипеди во општината, чистење и миење на улиците, но и зголемен градежен инспекциски надзор.
Ване Трајков
