Остатоци од ракета паднаа во близина аеродромот во Тел Авив, израелската армија мобилизира резервисти
Остатоци од балистичка ракета на Хутите паднаа во близина аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив. Израелската армија испраќа покани до резервисти за мобилизација, како подготовка за проширена офанзива против Хамас во Појасот Газа. Во енклавата се случува вистинска хуманитарна катастрофа …

Воздушна тревога огласена во Израел. Неколку луѓе се повредени во близина на главниот израелски аеродром „Бен Гурион“ по ракетен напад од Хутите во Јемен. Воздушниот сообраќај привремено затворен. Министерот за одбрана Кац, вети одмазда.
„Зад нас можете да го видите кратерот кој е широк и длабок неколку метри. Треба да се каже дека јавноста ги слушаше упатствата и немаме жртви во овој настан“, изјави Јаир Хецрони, командант на Централниот округ во израелската полиција.
„Израелските одбранбени и воздухопловни сили спроведуваат преглед во врска со прашањето за пресретнување на тие ракети и верувам дека летовите наскоро ќе продолжат како и вообичаено“, рече Мири Регев, министерка за транспорт на Израел.
Израел ги избегнуваше нападите врз Хутите во Јемен, додека САД водат воена кампања против групата поддржана од Иран, но затоа го зголеми притисокот врз Хамас во Газа. Во сенка на нападите што не престануваат, освен бројот на жртви во воздушните удари, расте и бројот на починати од глад. Хуманитарните камиони се натрупуваат на границата, додека Израел втор месец целосно ја блокира помошта. Отворените кујни недоволни да ги нахранат празните стомаци.
„Над 200 семејства не се во можност да ги прехранат своите деца. Многу од нив рекоа дека повеќе од три дена ништо не јаделе. Гладот што денес го уништува Појасот Газа не е само закана, туку стана реалност што ја живееме“, изјави Хани Абу Ал-Касим, сопственик на добротворната организација во Рафа.
„Ние сме 8 луѓе, треба да им обезбедам залак храна, сакам да најдам дури и леб, но нема ништо и не можеме да најдеме. Цените се високи, а пари нема“, рече Фатен Ал-Сабаг, раселена од Беит Лахија.
УНРВА обвинува дека меѓународниот притисок е слаб, а резервите целосно исцрпени. Од ОН со осуда.
„Колку подолго трае оваа блокада, толку повеќе неповратна штета се нанесува на безброј животи во Газа. Непријателствата продолжуваат да ги загрозуваат цивилите и освен загубата на животи, дополнително ја продлабочуваат зависноста на луѓето од помошта во храна, која или е исцрпена или брзо истекува“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
Во истовреме, Нетанјаху се соочува со големи протести во Тел Авив по разговорите во воениот кабинет за проширување на војната во Газа, наместо да се даде приоритет на ослободување на заложниците.
Бојана Крстевски
