Утре средба Мицкоски-Таравари
Утре тет-а-тет средба Мицкоски – Таравари. Премиерот ќе побара јасен одговор од него по информациите дека лидерот на Алијанса за Албанците е во договори со ДУИ за настап на претстојните локални избори…

Останува ли Таравари во Владата на Мицкоски, или, сепак ќе ја напушти поради контактите со ДУИ и Али Ахмети? Одговорот ќе се знае многу скоро, откако шефот на владата најави средба со неговиот министер за здравство в понеделник. На неа, премиерот ќе бара дециден одговор во која насока оди коалицискиот партнер Алијанса за Албанците. За него е неприфатливо ако Таравари одлучи да поддржи кандидати на ДУИ на локалните избори.
И додека шефот на интегративците Ахмети се заканува дека ќе излезе на протести, премиерот Мицкоски му порачува да не живее во минатото, туку да гледа во иднината и да направи реформи во својата партија.
Лидерот на социјалдемократите Филипче не смета дека правото на протест треба да биде злоупотребено во политички цели. За односот на Таравари со ВРЕДИ и Мицкоски вели дека има знаци оти коалицијата е нестабилна.
Али Ахмети се закани дека интегративците ќе ги однесе на протест доколку екс-министерот за економија, Крешник Бектеши се најде на обвинителна клупа за пожарот во дискотеката во Кочани. Неговите закани ги осудија и политичките партии во земјава.
Миле А. Ристески
