Во Собранието доделена државната награда „Гоце Делчев“
Во Собранието доделена државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во областа на науката. Годинава признанието го добија група автори за научното дело „Македонски дијалектен атлас“ …

Првиот том „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотеката-лексички материјали) е создаден од материјали собирани во 351 населено место. Во него се одразува сета разноликост на јазикот, рече професорката Лаброска која се обрати во името на добитниците од Институтот „Крсте Мисирков“ и МАНУ. Народот што сам се цени, си го цени најпрво сопствениот јазик, јазикот на кој ги обликува неговите мисли и чувства, а потоа ги учи другите јазици. Наш јазик е македонскиот и за нас тој е најубавиот и најбогатиот јазик, додаде Лаброска.
Мораме да сме во чекор со напредниот свет, да одговориме на сите предизвици и да станеме конкурентни во светските научни текови, рече претседателот на одборот за доделување на наградата, академик Живко Попов.
Да покажеме дека тимската работа поткрепена со индивидуална одговорност е вистинската формула за успех, не само во лингвистиката, туку во сите сфери, смета ресорната министерка Јаневска.
Наградата „Гоце Делчев“ се доделува за особени остварувања во науката од интерес на државата.
Фиљана Кока
