Со занает до успешен бизнис, преку поволните кредити за самовработување

12.08.2014 15:12

И по неколку годин без работа, со научен занает може да се стигне до добра заработка. Се повеќе невработени лица ги користат поволните кредити за почнување сопствен бизнис...

Валентина Здравевска е магистер по правни науки. 7 години како невработена била пријавена во Агенцијата за вработување. Не можејќи да најде работа, решила да се испроба во некој од занаетите. Научила да плете. Користејќи поволен кредит, купила машини и почнала свој бизнис.

„Веќе по мојот бренд сум позната надвор од Македонија, извезувам во Австралија, Квинсленд, Германија, моментално сум во преговори со Исланд, каде сакаат да ги купуваат моите дуксери“, вели Здравевска.

Муштериите се задоволни од плетената облека со акрилни бои. Но, не само домашните –македонски, туку и оние во земјите каде што извезува.

Ова студио за плетење започна со работа во март 2013 година, користејќи го повратниот кредит од 5.000 евра од проектот за самовработување со кредитирање. Бизнисот им оди одлично.

Здравевска не сака инвестицијата тука да запре. Во план е отворање погон со десетина вработени. Занаетот го работи со љубов и ги охрабрува лицата кои бараат работа да подигнат ваков кредит.

Овој позитивен пример ја поттикна и агенцијата за вработување да ги врати занаетите на бизнис картата на македонија. Автентичните изработки се интересни и за туристите. Од агенцијата најавуваат оглас за обуки за плетење, шиење и везење за сите заинтересирани невработени лица.

„Ќе им овозможиме да добија соодветно образование, да добијат сертификат дека можат да бидат самостојни во овој дел, како и да добијат соодветна бесплатна обука“, изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

Кредитите од проектот за самовработување се до 3.000 евра по новоотворено работно место или 5.000 евра за дејности од поголем обем. Грејс периодот е 1 година, а каматна стапка е фиксна и изнесува 1 насто на годишно ниво.

 

Лука Андреев