Европа

Избори во Романија: Симион и Дан одат во вториот круг

05.05.2025 15:40

Ултрадесничарот Георге Симион и независниот политичар Никусор Дан одат во вториот круг од повторените претседателски избори во Романија закажани за 18-ти мај. Евроскептикот Симион најави радикални промени и враќање на сè што му било украдено на романскиот народ. Неговиот опонент убеден во победа и ветува задржување на западниот правец на земјата. Ако Симион биде избран во вториот круг, тоа би можело да ја изолира земјата-велат политичките аналитичари …

Георге Симион-опозицискиот кандидат од крајната десница е убедлив победник во првиот круг од повторените претседателски избори во Романија. Заедно со независниот кандидат, градоначалникот на Букурешт, Никусор Дан одат во вториот круг. Според централната изборна комисија, евроскептикот Симион освои 40,96 насто, односно 3,8 милиони гласови. Ова не е само изборна победа, тоа е победа на романското достоинство, моја единствена цел е да му вратам на народот сè што му беше украдено-потенцираше во победничкиот говор.

„Денес романскиот народ гласаше, денес романскиот народ проговори и време е да биде слушнат. Романците се кренаа против сите пречки, манипулации и против медиумите платени да нè деградираат. Ова не е само изборна победа, тоа е победа на романското достоинство, на оние кои не ја изгубија надежта. Тука сум за сите нас да се вратиме во уставниот поредок, сакам демократија, нормалност и имам само една цел – да му вратам на романскиот народ сè што му беше украдено“, рече Георге Симион, лидер на партијата Алијансата за единство на Романците.

Опонентот на Симион, Никусор Дан со кој ќе се соочи на 18 мај, успеа да го освои второто место со 20,99 насто гласови во тесна трка со Антонеску од владејачката коалиција. Најави тежок втор изборен круг, со надеж за победа и ветување дека ќе го задржи западниот правец на земјата.

„Ќе има тежок втор круг избори со изолационистичкиот кандидат. Нема да има дебата меѓу луѓето, ќе има дебата меѓу прозападниот пат за Романија и антизападниот пат. Наша задача е да ги убедиме Романците дека на земјата ѝ е потребен прозападен правец и на тоа ќе се фокусира нашата кампања во следните две недели. Ги повикувам сите Романци да бидат дел од оваа битка“, рече Никусор Дан, независен претседателски кандидат.

Кандидатот на владејачката коалиција Крин Антонеску, со резултат од 20,07%, го призна поразот.

„Ја напуштам оваа изборна трка со крената глава. Презентирав програма, идеи и решенија, но пресудата беше поинаква. Гласот на народот мора да се почитува. Ќе видиме што ќе се случи следно“, изјави Крин Антонеску, претседателски кандидат на коалицијата.

Повторените претседателски избори следуваат пет месеци откако беа поништени, што ја втурна земјата-членка на ЕУ и НАТО во најлошата политичка криза во последните децении. Лани во ноември, десничарскиот радикал Калин Георгеску изненадувачки победи во првиот круг од претседателските избори, а по обвинувањата за изборни прекршувања и руско мешање, што Москва ги негираше, уставниот суд ги поништи изборите исклучувајќи го од изборите. Според аналитичарите, победата на Симион кој го зазеде неговото место како кандидат од десничарскиот табор, би можела да ја изолира земјата и да го дестабилизира источното крило на НАТО, проширувајќи ја групата евроскептични лидери во ЕУ.

Бојана Крстевски