Македонија ослабена против Израел!
Нови тројца повредени кои ја зголемуваат листата на отсутни на седум играчи...

Проблемите не ја намалуваат амбицијата на репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година со два позитивни резултата да го завршат 11 циклус квалификации за Европското првенство. Нови тројца повредени кои ја зголемуваат листата на отсутни на седум играчи. Виктор Талевски од Ајнтархт Франкфурт и двајцата напаѓачи на Работнички, Кире Марковски и Таулант Сулејманов им се приклучија на претходно повредените Тошевски и Нафиу, како и на Бабунски и на Алими кои го откажаа настапот во младата селекција.
Затоа селекторот Вујадин Станојковиќ, кој ќе дебитира на клупата, мораше да ја засили конкуренцијата и повика петмина фудбалери кои и претходно беа дел од поширокиот состав и тоа, дефанзивците Леон Најдовски од Македонија Ѓорче Петров и Ерсен Асани од Ренова, играчите за врска Димитар Иванов од Вардар и Михајло Митров од Металург и офанзивецот на Силекс, Кристијан Костовски.
Без разлика на проблемите и фактот дека не е конкурентна за првите две места што носат пласман во плеј – офот, нашата репрезентација нема да отстапи од предвиденото, добра игра и резултат.
Утрешниот преносот од натпреварот меѓу Македонија, чијашто цел е да го избегне последното место во Групата 8 и Израел кој е во конкуренција за бараж, ќе биде на МРТ собранискиот сервис во 20 часот.
