Заврши средбата Мицкоски - Таравари
Заврши средбата Мицкоски – Таравари, одлука нема, разговорите продолжуваат, дали Алијанса ќе остане во коалицијата. Премиерот денеска рече дека ќе бара јасен став од неговиот коалициски партнер и актуелен министер за здравство за неговите идни планови и комбинаториките со ДУИ. Пред да седнат на заедничка маса во јавноста ги споделија ставовите.

Прва, но очигледно не и последна – заврши средбата Мицкоски Таравари. Состанок без решение, но како што велат од Владата, во конструктивен дух – премиерот и министерот за здравство се договориле на нова средба да разговараат за иднината на Алијанса на Таравари во владејачката коалиција. Таравари по состанокот, ги избегна медиумите. Од кабинетот на Мицкоски пак брифираат дека шефот на владата го повторил ставот дека за него е неприфатлива соработката со ДУИ. Претходно, во изјава за медиумите Мицкоски порача оти мнозинството е стабилно.
Таравари замина на средбата без очекувања дека во еден ден сè ќе се реши. Интенцијата била да се информира премиерот за настапот на партијата на локалните избори.
Во меѓувреме партиите на низок старт се подготвуваат за есенската изборна трка. ВМРО-ДПМНЕ до крајот на мај ќе ги претстави партиските кандидати за локалните избори, додека социјалдемократите најавуваат први имиња уште оваа недела. Албанскиот политички блок сè уште калкулира. И ДУИ и ВРЕДИ кандидатите ќе ги потврдуваат на партиските тела пред да ги објават јавно.
Анита Димитриевска-Велковска
