Бесплатни апарати за кислорот за 50 пациенти со хронично респираторно заболување

12.08.2014 16:17

Дел од пациентите досега приватно ги купуваа овие апарати. Од 300 пациенти со хронично респираторно заболување, 100-тина имаат потреба од кислородна терапија...

Педесетина пациенти со хронично респираторно заболување нема повеќе со месеци да престојуваат на клиниката за пулмологија. Отсега дома ќе ја примаат потребната кислородна терапија. Со овој апарат полесно ќе дишат и поквалитетно ќе живеат.

„Сега ќе можам дома да го примам кислородот, а не да лежам по два – три пати на клиника“, вели Добрица Стојановска - пациент.

„Во значителна мерка ќе им се овозможи на хроничните болни за полесно да се справуваат со оваа болест и во домашни услови да ја практикуваат оваа терапија“, вели синот на пациентот Живко Стојановски.

Дел од пациентите досега приватно ги купуваа овие апарати. Од 300 пациенти со хронично респираторно заболување, 100-тина имаат потреба од кислородна терапија.

„Тие пациенти се присутни во семејството, меѓу домашните, избегнуваат ризик од нови инфекции-тоа се бенефитите на пациентот, не плаќаат пари за овој апарат“, смета Бисерка Ќаева- директор на Клиниката за пулмологија.

Фондот за здравство за овие апарати издвои милион и 700 илјади денари. Досега клиниката за пулмологија за хоспитализирање на еден пациент трошеше по 12 милиони денари..

„Самата клиника ќе биоде растеретена и ќе може да се фокусира на останатите пациенти, да се одигне нивото на здравствена услуга, да се пренаменат овие 12 милиони денари“, вели Маја Парнарџиева- Змејкова, директор на ФЗОМ.

Најголем противник на белодробните болести е чадот од цигарите и аерозагадувањето. Од 20 до 25 проценти од пушачите ја добиваат оваа болест.

Пулмолозите апелираат,  матичните лекари да обрнат поголемо внимание на пушачите, почесто да ги праќаат на контрола за навреме да се дијагностицира  болеста.

 

Андријана Атанасовска