Декларативно, заложби за прекин на огнот - меѓусебните напади меѓу Русија и Украина продолжуваат
Рускиот претседател Путин предложи тридневен прекин на војната во Украина поради одбележувањето на 9-ти мај, Денот на победата над фашизмот. Зеленски бара 30 дена. Во меѓувреме продолжуваат меѓусебните напади. Четирите главни аеродроми во Москва привремено затворени од безбедносни причини. 19 украински дронови биле уништени пред да стигнат до градот.

Во пресрет на парадата на 9-ти мај во Москва, втора ноќ по ред, руската престолнина изложена на напади. Од безбедносни причини на неколку часа беа затворени четири големи московски аеродроми. Гранатирани и делови на Украина, беспилотни летала регистрирани во Харков, Киев, Одеса, Доњецк, има жртви и повредени. И покрај секојдневните загуби на фронтот, Зеленски е убеден дека војната ќе се заврши.
„Нема предавање, бидејќи многу луѓе го дадоа својот живот за независност. И кога зборуваме за овие или оние компромиси, треба да знаете дека Украинците никогаш нема да направат компромис кога станува збор за независноста на Украина. Јас сум апсолутно сигурен дека во оваа војна за независност Украина дефинитивно ќе победи“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател инсистира на едномесечно примирје, наспроти барањата на Путин за тридневен прекин на огнот за време на парадата за Денот на победата. Според американскиот претседател, предложеното од Путин е сериозно достигнување.
„Претседателот Путин објави тридневен прекин на огнот, што не звучи многу, но многу е ако знаете од каде почнавме, бидејќи ние имавме претседател кој три години не зборуваше со Путин. И сето тоа не требаше да се случи. Ова е војна што никогаш не требаше да се случи“, истакна Доналд Трамп.
Партнерите на Киев ја засилуваат поддршката. Чешка вети испорака на муниција и проширување на обуката за украински пилоти во време на засилени дипломатски активности во услови кога САД настојуваат да постигнат прекин на огнот со Русија.
„Присуството на европските, но и можеби северноамериканските сојузници во различни форми во преговорите е важно, бидејќи не зборуваме само за мир меѓу Русија и Украина, зборуваме за безбедноста во Европа, а Украина е составен дел од безбедноста на Европа“, изјави Петр Павел, претседател на Чешка.
Западните сојузници преговараат за испорака на дополнителни системи за воздушна одбрана „Патриот“ во Украина, а договорите би требало да бидат постигнати пред самитот на НАТО кон крајот на јуни, објавија светските медиуми.
Маријана Димовска
