Се обновува патот Маврово- Маврови Анови
Започна обновата на патот Маврово – Маврови Анови во должина од 6 километри. Од Јавното претпријатие за државни патишта најавуваат дека работите ќе завршат до февруари следната година...

Оштетениот коловоз, стеснувањата и одроните повеќе нема да бидат проблем за возачите. Започна обновата на регионалниот пат Маврово – Маврови Анови и санацијата на свлечиштето кај Белички канал. Патот е долг шест километри, а со проширувањето просечната широчина ќе изнесува 5,5 метри.
„Се работи и на прошурањето и на опцијата за изградба на тротоарски површини во делот каде што имаме концентрација на објекти, односно каде што има населени места. Тоа е во должина од околу 1,5 до 2 километри“, изјави Љупчо Георгиевски – Директор на ЈП за државни патишта.
Околу Мавровското езеро има околу 1600 викендички, сместувачки капацитети и компании за кои е потребна соодветна патна инфраструктура.
„За нас како општина значи многу бидејќи се решава еден од најгорливите проблеми“, рече Мукрем Мехмеди – Градоначалник на о. Маврово – Ростуше.
Возачите се задоволни што конечно се обновува оваа делница. Туристите, пак, велат дека ова ќе придонесе за почести посети на Маврово.
„Ако е патот подобар, ќе има подобри услови за туристите. Има голем капацитет за возила. Убаво што се обновува, бидејќи беше многу ископан“, рекоа возачи и туристи.
Инвестицијата е 76,5 милиони денари обезбедени со заем од Светска Банка. Од ЈП за државни патишта најавуваат дека обновата ќе трае до февруари следната година.
Паралелно се работи на изготвување проект за обнова на целиот регионоален пат околу Мавровското езеро.
Подобрувањето на патната инфраструктура, покрај за безбедноста во сообраќајот, за овој регион е важно и за развојот на туризмот.
Зоран Јованоски
