воен конфликт

Русија и Украина ги продолжија нападите со дронови

06.05.2025 14:00

На три дена од закажаните паради во Киев и Москва за денот на победата, оружјето не мирува. Русија и Украина ги продолжија нападите со дронови. Зеленски инсистира на едномесечно примирје, наспроти барањата на Путин за тридневен прекин на огнот почнувајќи од 8 мај. Трамп уверува, предложеното од шефот на Кремљ е сериозно достигнување...

Во време кога Москва и Киев се подготвуваат за прославите на Денот на победата, нема знаци за какво било смирување на насилството. Втора ноќ по ред, руската престолнина и десет други региони нападнати со дронови. Од безбедносни причини на неколку часа беа затворени четири големи московски аеродроми. Гранатирани и делови на Украина, беспилотни летала регистрирани во Харков, Киев, Одеса, Доњецк, има жртви и повредени.

„Нема предавање, бидејќи многу луѓе го дадоа својот живот за независност. И кога зборуваме за овие или оние компромиси, треба да знаете дека Украинците никогаш нема да направат компромис кога станува збор за независноста на Украина. Јас сум апсолутно сигурен дека во оваа војна за независност Украина дефинитивно ќе победи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украинскиот претседател инсистира на едномесечно примирје, наспроти барањата на Путин за тридневен прекин на огнот почнувајќи од 8 мај. Според американскиот претседател, предложеното од шефот на Кремљ е сериозно достигнување.

„Претседателот Путин објави тридневен прекин на огнот, што не звучи многу, но многу е ако знаете од каде почнавме, бидејќи ние имавме претседател кој три години не зборуваше со Путин. И сето тоа не требаше да се случи. Ова е војна што никогаш не требаше да се случи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во услови кога САД настојуваат да постигнат прекин на огнот со Русија, европските партнери на Украина ја засилуваат поддршката. Чешка вети испорака на муниција и проширување на обуката за украински пилоти.

„Присуството на европските, но и можеби северноамериканските сојузници во различни форми во преговорите е важно, бидејќи не зборуваме само за мир меѓу Русија и Украина, зборуваме за безбедноста во Европа, а Украина е составен дел од безбедноста на Европа“, изјави Петр Павел, претседател на Чешка.

Западните сојузници преговараат за испорака на дополнителни системи за воздушна одбрана „Патриот“, а договорите би требало да бидат постигнати пред самитот на НАТО кон крајот на јуни, објавија светските медиуми.

 

Маријана Димовска