Утре почнува конклавата за избор на новиот папа, службениците и персоналот се заколнаа на тајност
Последни подготовки пред утрешната конклава. Во капелата „Свети Павле“ во Ватикан, службениците и персоналот вклучени во претстојната конклава се заколнаа на тајност за сите прашања поврзани со гласањето и контролата за изборот на новиот понтиф. Од светата столица соопштија дека од утре во 15 часот, сите системи за пренос на телекомуникациски сигнали на територијата на државата Ватикан ќе бидат надвор од функција...

Во молк и со молитви, како што налагаат правилата се подготвуваат за избор на 267-от папа на Римокатоличката црква. Тие мораат да се воздржат од било каква форма на преговори, но процедурите не спречуваат размена на идеи. Во капелата „Свети Павле“ во Ватикан, службениците и персоналот вклучени во претстојната конклава се заколнаа на тајност за сите прашања поврзани со гласањето и контролата за изборот на новиот понтиф.
„Ветувам и се колнам дека ќе се воздржам од користење на каква било аудио или видеоопрема способна за снимање на сè што се случува за време на периодот на изборите во Ватикан, а особено сè што на кој било начин, директно или индиректно, е поврзано со самиот процес на изборите“, изјави полковник и мајор од папскиот швајцарски гардиски корпус.
Илјадници верници се очекува да посведочат на изборот на новиот наследник на папата Франциск. Многумина веќе се во своите цркви молејќи се за мудар избор на кардиналите. Верниците во Аргентина, се надеваат дека и следниот папа ќе биде со отворено срце и поддршка за најсиромашните и угнетените.
„Се надевам дека и следниот папа ќе биде како Франциск, кој ни ја даде сета своја љубов, своето срце, за светот, за луѓето, за најсиромашните, најскромните“, изјави Паулина Меала – верник.
„Огромна беше болката откако го загубивме нашиот папа, покрај тоа што беше Аргентинец, тој беше на страната на жените и се надевам дека оној кој што ќе го замени ќе го продолжи ова наследство што го остави тој“, изјави Марсела Риналди – верник.
Според аналитичарите, но и обложувалниците, двајца кардинали, Италијанецот Пјетро Паролин и Филипинецот Луис Антонио Тагле, се кандидати со најголеми шанси да бидат на чело на Ватикан. Од светата столица соопштија дека од утре во 15 часот, сите системи за пренос на телекомуникациски сигнали на територијата на државата Ватикан ќе бидат надвор од функција.
Маја Стојанова
