ТУРИЗАМ

Инвестициите во туризмот отвараат нови работни места

12.08.2014 16:58

Во изминативе седум години бројот на странски туристи речиси двојно зголемен. Вицепремиерот Пешевски ги повика тур-операторите на уште позасилена соработка која што со пакетот на владините мерки за развој на туризмот ќе даде уште повидливи резултати...

Годинава за 40 насто повеќе туристи во Македонија, споредено со 2013-та, кога за  првпат беше надмината бројката од 700 илјади. Во изминативе седум години бројот на странски туристи речиси двојно зголемен. Вицепремиерот Пешевски ги повика тур-операторите на уште позасилена соработка која што со пакетот на владините мерки за развој на туризмот ќе даде уште повидливи резултати.

„Оваа година за субвенсионирање на странскиот организиран туристички промет во буџетот се предвидени 155 милиони денари, не е мал износ, но очекуваме повеќекратно да се врати“, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

Инвестирањето во туризмот, отвора нови работни места. Според министерот за економија годинава околу 10 илјади луѓе се дирекно ангажирани во оваа дејност.

„Во Македонија се вработени уште 31.000 лица во областите кои се поврзани со туризмот. Проекциите за оваа година укажуваат дека овие бројки ќе се зголемат и ќе достигнат до 32.500 кои ќе бидат работно ангажирани во секторот на туризам“, смета министерот за економија, Беким Незири.

Авио –сообраќајот го следи трендот за привлекување туристи преку речиси континуирано  отворање на нови воздушни линии. Лани Владата обезбеди 86 милиони денари, а за годинава се планирани  135 милиони денари.

Паралелно со европскиот пазар преку субвенционирањето се работи  и на  привлекувањето на туристи од Кина и Индиjа, а од 2015 тур-операторите ќе излезат и со понуди за Казахстан, Азербеџан, Катар и САД.

 

Наташа Гркова –Петрушевска