Украински напад со дронови врз Москва
Втора ноќ по ред, руската престолнина и десет други региони нападнати со дронови. Од безбедносни причини на неколку часа беа затворени четири големи московски аеродроми...

Во време кога Москва и Киев се подготвуваат за прославите на Денот на победата, нема знаци за какво било смирување на насилството. Втора ноќ по ред, руската престолнина и десет други региони нападнати со дронови. Од безбедносни причини на неколку часа беа затворени четири големи московски аеродроми. Грантирани и делови на Украина, беспилотни летала регистрирани во Харков, Киев, Одеса, Доњецк, има жртви и повредени.
„Нема предавање, бидејќи многу луѓе го дадоа својот живот за независност. И кога зборуваме за овие или оние компромиси, треба да знаете дека Украинците никогаш нема да направат компромис кога станува збор за независноста на Украина. Јас сум апсолутно сигурен дека во оваа војна за независност Украина дефинитивно ќе победи“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.
Украинскиот претседател инсистира на едномесечно примирје, наспроти барањата на Путин за тридневен прекин на огнот почнувајќи од 8 мај.
„Иницијативата на претседателот Путин е релевантна. Сакам да ве потсетам на нашиот став. Огнот ќе престане, но доколку нема реципроцитет од страна на киевскиот режим и продолжат обидите за напад на нашите позиции или наши објекти, веднаш ќе биде даден соодветен одговор. За жал, сè уште не сме слушнале ниту една изјава од Киев што покажува дека е подготвен да се придржува до тридневниот прекин на огнот“, изјави Дмитриј Песков - прес-секретар на рускиот претседател Владимир Путин.
Според американскиот претседател, предложеното од шефот на Кремљ е сериозно достигнување.
„Претседателот Путин објави тридневен прекин на огнот, што не звучи многу, но многу е ако знаете од каде почнавме, бидејќи ние имавме претседател кој три години не зборуваше со Путин. И сето тоа не требаше да се случи. Ова е војна што никогаш не требаше да се случи“, изјави Доналд Трамп- претседател на САД.
Во услови кога САД настојуваат да постигнат прекин на огнот со Русија, европските партнери на Украина ја засилуваат поддршката. Чешка вети испорака на муниција и проширување на обуката за украински пилоти.
Маријана Димовска
