Дирекција за радијациона сигурност

Бајовски: Радиоактивниот фон во РЕК Битола не е многу поголем од природниот

06.05.2025 16:07

Радиоактивниот фон во РЕК Битола не е многу поголем од природниот фон на зрачење, изјави денеска директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност, Зоран Бајовски на одбележувањето 20 години од формирањето на независниот национален регулаторен орган…

Последните мерења на радиоактивниот фон во РЕК Битола покажаа дека тој не е многу поголем од природниот, потврди директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност, Зоран Бајовски. Според него, мерењето во 2024-та година, но и сега од страна на еден од техничките сервиси утврдиле дека зрачењето е во дозволените граници.

„Мислам дека беше помалку од 5.000 нанохири, но не ме држете за збор, да не шпекулираме со бројки. Природниот фон го имаме и тука надвор, ние сме и сега изложени на јонизирачко зрачење и тоа е во граници на нормала, којшто не е штетен за нашиот организам. Сите работници коишто се професионално изложени според закон во Република Македонија мора да носат лични дозиметри. Тие дозиметри се вчитуваат на месечно ниво и извештаите ги добиваме ние како Дирекција. Дозволените граници се 0,9 микросиверт“, вели Бајовски.

Во делот на инспекцискиот надзор, Дирекцијата лани спровела 151 редовна контрола, 22 вонредни контроли и 51 контролирана контрола, односно на веќе издадени дозволи. Од вкупниот број на извршени инспекции, кај 61 правно лице е најдена неправилност, а со нив се постапува со оглед на законските рамки.

Мината година издадени се вкупно 237 лиценци и дозволи на стоматолошки ординации, радиотерапија, радијациона рендген дијагностика, нуклеарна медицина, производство на радиофармацевтици, како и индустриска радиографија.

Марина Стојанова-Тонева