Мерц не го доби потребниот број гласови
Германија не доби нов канцелар. Иако се очекуваше, Бундестагот приреди шок откако лидерот на конзервативната ЦДУ, Фридрих Мерц не успеа во првиот обид да го добие потребниот број гласови. Му недостигаа шест. Ова е првпат во историјата на Германија да не биде избран канцелар кој имал обезбедено парламентарно мнозинство...

Германскиот конзервативен лидер Фридрих Мерц не успеа да го обезбеди парламентарното мнозинство потребно за да стане канцелар во првиот круг од гласањето. Тој ги предводеше конзервативците од ЦДУ/ЦСУ до победа на федералните избори во февруари и успеа да обезбеди коалициски договор со централнолевичарските социјалдемократи, но освои само 310 од потребните 316 гласови во Долниот дом на парламентот.
„Пратеникот Фридрих Мерц не го доби бараното мнозинство од 316 гласа, затоа тој не е избран за канцелар“, изјави Јулија Клокнер- претседателка на Парламентот.
Никогаш порано не се случило кандидат за канцелар, по успешни коалициски преговори, да не биде избран во првиот круг од гласањето. ЦДУ/ЦСУ и СПД заедно имаат 328 пратеници во Бундестагот, па се претпоставува дека некои од нив останале воздржани или не гласале, задавајќи му историски удар на 69-годишниот лидер.
„На сите им беше јасно дека имаме одговорност да формираме стабилна влада. Нашите членови со големо мнозинство рекоа дека мора да го сторат тоа. И затоа сум прилично сигурен дека нашата парламентарна група гласаше едногласно. Политиката не е за правење желби за одговорност и не смееме да дозволиме да се појави ситуација од која десничарските екстремисти можат да профитираат“, изјави Ралф Штегнер – СПД.
По неуспехот на Мерц, генералниот секретар на ЦДУ, Линеман, повика на брза одлука за тоа како да се продолжи понатаму.
„Работите сега мора да се движат брзо. На Европа ѝ е потребна силна Германија. Не можеме да чекаме со денови. Затоа сега во позадина се водат разговори за да се обезбеди што е можно побрзо да има втор круг избори“, изјави Карстен Линеман -генерален секретар на ЦДУ.
Мерц ја плати цената на неговите предизборни сплетки, овој неуспех покажува на каква слаба основа е изградена малата коалиција на Мерц-реагираа од десничарската партија АФД. Бараат негово повлекување и нови избори.
„Можеме само да повикаме на преовладување на здравиот разум. Мерц треба веднаш да се повлече и треба да се отвори патот за нови избори во нашата земја“, изјави Алис Вајдел – копретседателка на АФД.
Случувањата во Бундестагот предизвикаа остар пад на берзите. Тече рокот од 14 дена за повторен избор на Мерц или на друг кандидат за канцелар со апсолутно мнозинство.
Бојана Крстевски
Фото: Бундестаг
