Историски дебакл на изборот за канцелар на Германија
Личен неуспех на Мерц или пораз на целата Германија. Домашна анализа за прашањето – каде закочи Мерц во првиот обид да стане канцелар?

Како историски дебакл, германската јавност ја оцени ситуацијата во која именуваниот канцелар Фридрих Мерц, по успешните коалициски преговори, не беше избран во првиот круг на гласање. На конзервативниот лидер на германските демохристијани му недостигаа 6 од потребните 316 гласови во Бундестагот.
И македонската експертска јавност согласна со констатацијата дека станува збор за историски неуспех без преседан.
„Јас се согласувам со таа констатација дека тоа беше една катастрофа. Не за Германија како држава, туку за предложениот канцелар Мерц. Кој толку многу сакаше да стане канцелар и еве сè уште има можност да стане, но ова нешто не се случило во историјата на понова Германија“, вели поранешниот амбасадор на Македонија во Берлин, Ѓорѓи Филипов.
„Многу чудна и неизвесна е ситуацијата. Како што вие рековте, ова е прв пат во историјата на Германија, договорен канцелар со коалициски договор да не биде изгласан. Она што е најинтересно, не се знаат ни причините за тоа“, вели Борис Георгиевски.
Неочекуваниот неуспешен избор на Мерц веднаш предизвика слободен пад на германската берза поради стравувања за економијата, не само за германската, туку и за европската, па и македонската економија.
Мерц освои најмногу гласови на вонредните избори во февруари – клучни предизвици за него се оживувањето на економијата, миграцијата, одбраната, безбедноста и надворешната политика на официјален Берлин.
Марија Котовска
