Фридрих Мерц избран за германски канцелар на второто гласање
Конзервативниот лидер Фридрих Мерц е новиот канцелар на Германија. Успеа да го обезбеди парламентарното мнозинство гласови во вториот круг, кој се одржа само неколку часа откако доживеа дебакл во претходната рунда...

Конзервативниот лидер Фридрих Мерц е новиот канцелар на Германија. Успеа да го обезбеди парламентарното мнозинство гласови во вториот круг, кој се одржа само неколку часа откако доживеа дебакл во претходната рунда. Силен аплауз во Бундестагот по изборот на демохристијанскиот лидер.
Мерц, кој во февруари победи на федералните избори и ја претстави владејачката коалиција минатиот месец, претходно во текот на денот доживеа дебакл на првото гласање со шест гласа помалку, означувајќи историски неуспех и уште еден пресврт во периодот на неизвесност во земјата. Неговиот мандат ќе започне на нестабилна основа откако гласањата открија неподготвеност во неговата коалиција и ѝ дадоа на бунтовничката крајно десничарска партија АфД нова можност да го наруши политичкиот естаблишмент. Тие претходно побараа негово повлекување и нови избори.
„Можеме само да повикаме на преовладување на здравиот разум. Мерц треба веднаш да се повлече и треба да се отвори патот за нови избори во нашата земја“, изјави Алис Вајдел, копретседателка на АФД.
Никогаш порано не се случило кандидат за канцелар, по успешни коалициски преговори, да не биде избран во првиот круг од гласањето. Коалицијата има вкупно 328 места, а гласањето за одобрување на канцелар е обично формалност; никогаш порано во современата германска историја не се случило кандидат за канцелар да не победи.
Случувањата во Бундестагот претходно предизвикаа остар пад на берзите. Германската економија е веќе трета година во рецесија.
Бојана Крстевски
