Апелациски суд

Јахоски излегува од притвор, Апелација ја уважи неговата жалба

06.05.2025 18:05

Скопска Апелација ја уважи жалбата на осомничениот Асмир Јахоски. Определени му се мерки на претпазливост, обврска да се јавува повремено во скопскиот Кривичен суд и привремено му е одземена патна исправа и има забрана за издавање на нова...

Асмир Јахоски излегува од притвор. Скопска Апелација ја уважи неговата жалба. Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема Јахоски со прифаќање гаранција во износ од 986.540,00 евра, во денарска противвредност од 60.672.235,00 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Македонија и износ од 72.000.000,00 денари готови пари.

Определени му се мерки на претпазливост, обврска да се јавува повремено во скопскиот Кривичен суд и привремено му е одземена патна исправа и има забрана за издавање на нова.

Од Апелација информираат дека при одлучувањето судот го имал предвид претходно прибавениот позитивен предлог на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.

Во случајот „Мазут“ опфатени се вкупно 13 лица, меѓу кои и екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е недостапен за органите на прогонот. Првоосомничени се сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулакоски, кои се сомничат за оштетување на државниот буџет за 167 милиони евра при набавка на токсичен мазут кој според извештаите на повеќе институции штетно влијаел врз здравјето на граѓаните.