Азија-Индија

Индија изврши воздушни напади во Пакистан

07.05.2025 09:37

Ескалираа тензиите меѓу нуклеарно вооружените соседи. Индија го нападна Пакистан како одмазда за минатомесечниот напад во Кашмир во кој загинаа 26 туристи. Исламабад возврати со оган кон најмалку десет индиски објекти, вклучително и една воздушна база. Двете страни регистрираат жртви и повредени. Светот со повици за деескалација...

Азија на работ на голема војна. Индија го нападна Пакистан како одмазда за минатомесечниот напад во Кашмир во кој загинаа 26 туристи. Тензиите меѓу нуклеарно вооружените соседи следуваат откако премиерот Моди и даде зелено светло на војската за акции против терористите. Властите на Индија соопштија дека со „Операцијата Синдор“ правдата е задоволена.

„Нашето разузнавачко следење на терористичките модули со седиште во Пакистан покажа дека претстојат нови напади врз Индија. Затоа беше потребно принудно одвраќање и спречување. Индија го искористи своето право да одговори и да спречи, како и да одврати повеќе вакви прекугранични напади“, изјави Викрам Мисри, министер за надворешни работи на Индија.

По индиските воздушни напади по должина на линијата на контрола – де факто границата меѓу двете земји, меѓународниот аеродром во Карачи ги откажа летовите.

„Се враќам во Дубаи на работа по мојот одмор. Сепак, поради индискиот напад, сите летови се суспендирани и сега сум заглавен во Карачи. Нападот на Индија врз Пакистан е многу неправеден“, рече патник.

„Само половина час пред слетувањето, нашиот лет беше пренасочен кон Карачи поради вонредната ситуација. Првично ни беше кажано дека летот ќе продолжи кон Исламабад по двочасовно доцнење. Но, сега, властите на аеродромот не принудија да излеземе од терминалот и ни го вратија багажот“, додаде друг.

Во меѓувреме, и Пакистан возврати со оган и тврди дека соборил неколку индиски борбени авиони како одмазда. Двете страни регистрираат жртви и повредени.

„Овој кукавички, неоправдан чин на непријателот ќе добие силен одговор од пакистанската армија, поддржан од пакистанската нација“, изјави Ахмед Шариф Чаудри – портпарол на пакистанската армија.

Светот со повици за деескалација.

„Претпоставувам дека луѓето имаа навестување дека нешто ќе се случи врз основа на минатото, тие се борат долго време, знаете, тие се борат со децении и векови. Се надевам дека ова ќе заврши многу брзо“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Индискиот напад следува по бројните апели од Вашингтон, Москва, Пекинг и од седиштето на Обединетите нации страните да се вразумат и да се обидат да избегнат нова нуклеарна војна.

 

Маријана Димовска