Светот се збогува со големиот Робин Вилијамс!

12.08.2014 17:26

Од актерот се простуваа неговите колеги, политичари и обожаватели кои со ужас ја примиле веста за неговата смрт. Го опишуваат како талентиран актер и комичар, човечен, дарежлив и брилијантен гениј. И претседателот на САД Обама со тага се прости од големиот човек, хуманист, комичар...

Денеска светот остана без еден голем актер, голем уметник, човек кој беше синоним за хумор и позитивна енергија. Робин Вилијамс, ненадејно и тивко замина. Медиумите пренесуваат дека легендарниот актер е пронајден мртов во својот стан во северна Калифорнија, каде што жевеел со сопругата, а според првите сознанија се работи за самоубиство.

63-годишниот актер со години бил зависник од кокаин и алкохол, се до почетокот на 80-тите, кога решил да се откаже од лошите навики. Успеал да остане чист 20 години, за во 2006-та повторно да им потклекне на пороците. Долго време се борел и со тешка депресија. Минатиот месец бил хоспитализиран во центар за рехабилитација во Минесота, каде што минал неколку недели.

„Утрово јас го изгубив мојот сопруг и најдобар пријател, а светот загуби еден од најсаканите уметници и едно од најубавите човечки суштества, моето срце е целосно скршено“, изјави третата сопруга на Вилијамс, Сузан Шнајдер.

Од актерот се простуваа неговите колеги, политичари и обожаватели кои со ужас ја примиле веста за неговата смрт. Го опишуваат како талентиран актер и комичар, човечен, дарежлив и брилијантен гениј. И претседателот на САД Обама со тага се прости од големиот човек, хуманист, комичар. Величејќи го неговиот огромен талент, Обама во трогателна изјава го истакна влијанието на Вилијамс врз американската култура во последните 35 години.

Робин Вилијамс беше Авијатичарот, лекар, дух од ламба, дадилка, претседател, професор, Петар Пан...Иако беше три пати номиниран за Оскар за најдобар актер, Вилијамс доби Оскар за најдобар спореден актер во филмот Добриот Вил Хантинг од 1997-та година. Во неговиот актерски опус ќе останат и две награди Еми, четири Златни глобуси и пет награди Греми.

Дел од неговите брилијантни актерски остварувања се филмовите “Добро утро, Виетнам”, “Друштвото на мртвите поети”, “Добриот Вил Хантинг”, “Џуманџи”, “Госпоѓа Даутфаер”, “Ноќ во музејот”...

 

Александра Перевска