Сиљановска-Давкова: Хрватска е искрен македонски пријател и поддржувач на патот кон ЕУ
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести денеска го пречека својот хрватски колега Зоран Милановиќ...

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести денеска го пречека својот хрватски колега Зоран Милановиќ, кој ќе престојува во официјална посета на земјава. Двајцата претседатели имаа и тет-а-тет средба, после која следуваше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација.
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, во фокусот на разговорите биле билатералните односи, процесот на нашата европска интеграција, низ призма на меѓународниот поредок, ЕУ амбиентот, како и регионалните предизвици.
„Хрватска е искрен македонски пријател и поддржувач на патот кон ЕУ, наш близок партнер во НАТО, долгогодишен сојузник со којшто споделуваме одлични политички односи, без отворени прашања и силна посветеност во градењето мирен, стабилен и просперитетен регион, интегриран во ЕУ. Нè поврзуваат многу заеднички вредности, а важен обединувачки фактор е заемното почитување на македонската заедница во Хрватска и хрватската заедница кај нас. Уверена сум дека оваа посета ќе внесе нова енергија во македонско-хрватските односи, ќе ја поттикне соработката и ќе овозможи поинтензивна комуникација меѓу државните органи, бизнис заедниците, образовните, научните и културните институции, како и граѓанскиот сектор“, напиша претседателката Сиљановска-Давкова на Фејсбук.
Во рамки на посетата, хрватскиот претседател ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
