Ескалираа тензиите меѓу Индија и Пакистан, светските лидери со повици за деескалација
Ескалираа тензиите меѓу нуклеарно вооружените соседи. Индија го нападна Пакистан како одмазда за минатомесечниот напад во Кашмир во кој загинаа 26 туристи. Исламабад возврати со оган кон најмалку десет индиски објекти, вклучително и една воздушна база. Двете страни регистрираат жртви и повредени. Светот со апел за воздржаност…

Азија на раб на војна. Индија го нападна Пакистан како одмазда за минатомесечниот тероризам во Кашмир во кој загинаа 26 туристи. Тензиите меѓу нуклеарно вооружените соседи следуваат откако премиерот Моди и даде зелено светло на војската за акции против терористите. Двете страни регистрираат жртви и повредени.
„Операцијата Синдор беше започната за да се обезбеди правда за жртвите на подлиот терористички напад од 22 април и членовите на нивните семејства. 9 терористички кампови беа целосно уништени“, изјави Софија Куреши, полковник на индиската армија.
„Нападот врз терористичките кампови беше извршен со прецизни удари. Беше обезбедено оружје со внимателен избор на боеви глави, така што нема да има колатерална штета. Ниеден воен објект не беше цел. Индија покажа значителна воздржаност во својот одговор“, изјави Вјомика Сингх, командант на индиските воздухопловни сили.
Пакистан тврди дека собориле неколку индиски борбени авиони како одмазда.
„Овој кукавички, неоправдан чин на непријателот ќе добие силен одговор од пакистанската армија, поддржан од пакистанската нација“, рече Ахмед Шариф Чаудри, портпарол на пакистанската армија.
Светот со повици за деескалација.
„Претпоставувам дека луѓето имаа навестување дека нешто ќе се случи врз основа на минатото, тие се борат долго време, знаете, тие се борат со децении и векови. Се надевам дека ова ќе заврши многу брзо“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
„Кина се спротивставува на сите форми на тероризам. Ги повикуваме Индија и Пакистан да дејствуваат во интерес на мирот и стабилноста, да останат смирени и да се воздржат од преземање дејствија што можат дополнително да ја комплицираат ситуацијата. Подготвени сме да соработуваме со меѓународната заедница и да играме конструктивна улога во ублажувањето на тековната ситуација“, нагласи Лин Џиан, портпарол на кинеското МНР.
Двете најголеми држави од Јужна Азија бројат повеќе од 1,6 милијарди луѓе и се во повеќедецениски конфликт. Индија го обвинува Пакистан за поддршка, вооружување и обука на групи кои предизвикуваат проблеми во Кашмир.
Маријана Димовска
