Радожда: Некогаш рибарско село, денес примамлива туристичка дестинација
Единствена е и поради љубезноста на радожданецот, тврдат оние кои се веќе угостени. И тие што првпат доаѓаат ама и оние што откорнати од родното огниште после години му се враќаат...

Под сводот небески, во подножјето на карпест гребен спуштен од политена Јабланица, го гали погледот... Радожда. Со варошки налик, некогаш рибарско село, сега примамлива туристичка дестинација. Мами со световното, ама не помалку и со духовното. Седум цркви на едно место. Секојдневно се осветуваат во езерските води како божји дар. Од пештерската „Свети Архангел Михаел“ стара 8 века до исцелителната „Света Недела“ во која случајни минувачи, посетители, верници наоѓаат не само духовен мир, туку и лек за своите болки.
„Под оваа црква има извори кои на многу верници им помага...“, вели епитропот на црквите во Радожда.
Традицијата се испреплетува во секое катче. Адетите до ден денешен се негуваат. Зашто во радожда модерното живеење не можело да ја потисне древната навика
Единствена е и поради љубезноста на радожданецот, тврдат оние кои се веќе угостени. И тие што првпат доаѓаат ама и оние што откорнати од родното огниште после години му се враќаат.
„На сите би им препорачал да дојдат во вакво место како што е радожда. Тоа е прекрасно рибарско село. Луѓето овде се мошне дружељубиви, гостопримливи и ве пречекуваат со раширени раце, ако е потребно ви ја покажуваат околината, ве запознаават сите. Едноставно се грижат за вас. Неверојатно е“, вели турист од Сиднеј, Австралија.
„Се е убаво, плажите, рестораните, хотелите во Радожда“, вели туристка од Франција.
Дури и маалските маркети се магнет за туристите. Иако мали добро се опремени, па се посетувани.
„Има многу туристи, доаѓаат од Скопје, од Битола, има Холанѓани, Французи, Јапонци, Кинези ... има од секаде“, вели продавачката во локалниот маркет.
Радожда не би била тоа што е да не е специфичниот риболов. Ловењето со блинкер е особено само за охридкста пастрмка.
„Со вакви блинкери се лови само на Охридско езеро“, вели Крсте Бакрачески, раководител на Риболовна работна единица.
Рибарите штотуку го донесоа својот плен, сребренозлата риба. Ја красат точките по телото. Кралица на рибата во езерото, најбарана на трпезата...пастрмката. Овде се сервира само свежа.
„Во љубовен сендвич сме ставени помеѓу Јабланица и Охридското езеро, па затоа посебноста доаѓа пред се од локацијата. Количината на риба која се лови денеска, се послужува денеска низ рестораните, се конзумира веднаш, секогаш свежа. Се припрема на разни начини, зависно од сезоната“, објаснува угостителот Љупчо Бакрачески.
На крајот од патувањето, верно ќе ве придружува разлелеаното сонце, порачувајќи ви дека вреди да се дојде на местото каде што тоа ги капи своите зраци пред заоѓање.
Фиљана Кока
