Протест и блокада на патот Прилеп-Крушево
Жителите од прилепско денеска протестираа и го блокираа регионалниот пат Прилеп-Крушево. Градежните работи долго траат, сметаат дека се отсечени, а понуденото сообраќајно решение не е безбедно. Од ЈП за државни патишта бараат трпение од локалното население и дека градежните работи ќе завршат до 25 мај...

Бараме итно прифатливо решение за да не се запира секојдневниот, земјоделско-стопански живот во Регионот со градежните работи на регионалниот пат Прилеп-Крушево. Траат повеќе од една година, а ние сме отсечени, велат жителите од кривогаштанскиот регион кои излегоа на протест и на блокада на патот.
Инвеститорот ЈП за државни патишта, вели дека понуденото сообраќајно решение останува, а работите ќе завршат до 25-ти мај.
„Градежните работи на делницата на патот Прилеп-Крушево во должина од 920 метри се при крај и најдоцна до 25 мај патниот правец повторно ќе биде ставен во функција. Патниот правец е затворен за сообраќај и согласно со одобрениот сообраќаен проект за режим на сообраќајот е поставена соодветна сообраќајна сигнализација за безбедност. Замолуваме за трпение“, стои во соопштението од ЈП државни патишта.
Овој период се интензивираат земјоделските работи, а Крушево ги очекува туристите од светот.
Елизабета Митреска
