Во Систинската капела почнува конклавата за избор на нов папа
Кардинали од целиот свет во Сикстинската капела ја почнуваат конклавата за избор на нов папа. Ќе заврши кога од оџакот на Систинската капела ќе излезе бел чад за да го означи новиот понтиф.

Кардинали од целиот свет во Сикстинската капела ја почнуваат конклавата. Влегуваат во таен процес за избор на новиот 267-ми папа на Римокатоличката црква. Многумина сметаат дека станува збор за најголемата и најнепредвидливата конклава што досега се одржала. Право на глас имаат 133 кардинали кои од крајот на април веќе се во Ватикан, каде што одржуваа секојдневни состаноци за меѓусебно запознавање и споделување визии за иднината на црквата. За инспирација, кардиналите пред себе ги имаат безвременски фрески, меѓу кои и монументалните „Создавањето на Адам“ и „Страшниот суд“ на Микеланџело.
„Нема сомнение дека Сикстинската капела е неспоредлива атракција. Таа не е само уметничко дело, туку е сведоштво за односот помеѓу човекот и бесконечноста. Тоа е симболично место на христијанската вера. Визуелна катехеза која од 1492 година е одбрано место каде што се одржува изборот на врховниот римски папа“, изјави Барбара Јата, директорка на Ватиканскиот музеј.
На плоштадот Свети Петар во Рим, верници од целиот свет со нетрпение го очекуваат исходот од конклавата. Секој има свој фаворит за наследник на папата Франциск.
„Мојот избор е Матео Зупи, но да почекаме и да видиме што ќе се случи, што ќе им каже Светот Дух на оние коишто гласаат. Мислам дека тој е личност кој е поблизок до народот“, вели жителка на Рим.
„Јас сум за Антонио Тагл, направив некои свои истражувања за него и мислам дека е фина личност. Тој исто така доаѓа од Азија, слушнав дека неговата мајка е од кинеско потекло, тоа може да биде добра шанса за комуникација со Кина“, рече друга.
„Можеби добро е да го изберат кардиналот Паролин, тој е од Виченца. Ми се допаѓа како личност, се чини дека е добар кардинал“, рече Ларејн Декол, жител на Рим.
„Искрено, никој во моментов не ми се допаѓа. Изненадувачки, но во моментов никој не покажува толку силна харизма како папата Франциск или Јован Павле Втори“, изјави друг жител на Рим.
Конклавата секој ден ќе има да круга гласање, еден наутро, другиот попладне. Чад се испушта од оџакот инсталиран на врвот на Сикстинската капела по завршувањето на секоја сесија од гласањето. Црн чад е за неуспешно гласање, а белиот означува дека е избран новиот папа. Првиот чад се очекува денеска попладне.
Маја Стојанова
