Милановиќ: Не бидете жртва на изнудување за членство во ЕУ
Милановиќ, кој е во прва официјална посета на земјава по стапувањето на функцијата на претседателката Сиљановска-Давкова, нагласи дека не е тука за „да дели совети“, но нагласи дека државата не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членството во ЕУ.

Сами одлучувате што е важно, немој да бидете жртва на изнудување за членство во Унијата-порача хрватскиот претседател Милановиќ кој е во официјална посета на Македонија. По разговорите претседателката Сиљановска-Давкова оцени, нашата состојба не говори само за нас туку и за кредибилитетот и интегритетот на Европската унија во областа проширување.
Милановиќ, кој е во прва официјална посета на земјава по стапувањето на функцијата на претседателката Сиљановска-Давкова, нагласи дека не е тука за „да дели совети“, но нагласи дека државата не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членството во ЕУ.
„Немојте да бидете само жртва на принуда или некакво изнудување кога станува збор за членство во ЕУ, не мислам на соседната држава Бугарија, тие имаат некои свои идеи како треба тоа да изгледа. Јасно е дека треба да постои консензус. И сè се сведува на едно – сè додека некој е против, Македонија не може да оди напред. Единствено прашање е дали ова за вас и за вашите граѓани сè уште е најважната работа на овој свет вредна во животот или има некои други работи на кои може да се работи да се реализираат“, рече Милановиќ.
Копенхашките критериуми се тие кои ќе нè направат стандардна европска „досадна“ држава, а ветото не е пријателски инструмент. Очекувам разбирање, а се разбира ние во меѓувреме мора да ја тераме државната агенда – економски, културно да се развиваме, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Милановиќ.
Македонската претседателка изрази длабока благодарност за цврстата и континуирана поддршка на Хрватска за македонското членство во ЕУ и спремност за проширување и продлабочување на соработката во различни сфери од интерес на двете држави.
