Охрид

Хуманитарна трка „Од срце трчај, од срце дарувај за Кочани“

07.05.2025 16:13

Во Охрид се одржа хуманитарна трка на три километри под наслов „Од срце трчај, од срце дарувај за Кочани“ во која учество зедоа над петстотини ученици од сите средни училишта. На овој начин младите охриѓани ја искажаа својата почит, солидарност и хуманост по трагедијата што се случи во Кочани, а прибраните средства ќе бидат донирани преку Црвениот крст онаму каде што е најпотребно…

Со трка на три километри и прибирање парични средства охриѓани ја искажаа својата почит кон жртвите и солидарноста кон семејствата во Кочани по една од најголемите трагедии што се случила во нашата држава.

На настанот „Од срце трчај, од срце дарувај за Кочани“ се приклучија над 500 ученици, професори и родители.

„На сите после трагедијата ни остана како трага дека може да бидеме ние следни и затоа сакаме да поттикнеме свест на луѓето дека треба повеќе да се фокусираме на здравиот живот, да помагаме, да сме хумани“, вели Стефанија Битолкоска – ученичка.

„Нормално нас како млади нѐ погоди трагедијата и затоа целиме да направиме нешто со што ќе можеме да им помогнеме на погодените“, изјави Ивана Котеска – ученичка.

„Ќе трчаме за сите наши другари и врсници што починаа во Кочани“, рече Есер Миминоски – ученик.

На настанот што го организираа Средното економско училиште „Свети Кирил и Методиј“ и Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ им се придружија сите средни училишта од Охрид.

„Се изненадив од одзивот позитивно и на почеток мислев дека ќе нема заинтересирани ученици, но можам да кажам дека повеќе од 500 ученици се приклучија во трката“, рече Ристе Јанкоски – директор на СОСУ „Свети Кирил и Методиј“-Охрид.

„Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани, институции, поддржувачи и спортисти кои се вклучија во оваа трка. Со ова Охрид покажува дека е хуман и солидарен град“, изјави Теодор Андоноски – директор на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид.

Учениците порачаа дека денешната сплотеност треба да биде патоказ каде треба да се движи нашето општеството во иднина.

Сашо Нелоски