Политика

Мицкоски-Милановиќ: Потврдена поддршката за европската иднина на Македонија

07.05.2025 14:21

Како што објави Мицкоски на својот Фејсбук профил, разговарале за можностите за продлабочување на соработката, како и за важноста на заедничките напори во справувањето со глобалните предизвици.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска е во посета на земјава. Покрај средбата во Вила Водно со претседателката Сиљановска-Давкова, оствари и работен ручек со премиерот Христијан Мицкоски.

Како што објави Мицкоски на својот Фејсбук профил, разговарале за можностите за продлабочување на соработката, како и за важноста на заедничките напори во справувањето со глобалните предизвици.

„Разговорот беше исполнет со искрени ставови, регионални перспективи и заеднички визии за иднината. Потврдена беше поддршката за европската иднина на Македонија и јасната перспектива за членство во Европската унија. Заеднички се согласивме дека стабилна, просперитетна и интегрирана Европа е невозможна без полноправно членство на целиот регион“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Хрватскиот претседател Милановиќ, кој е во прва официјална посета на земјава по стапувањето на функцијата на претседателката Сиљановска-Давкова, претходно нагласи дека не е тука за „да дели совети“, но истакна дека државата не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членството во ЕУ.