Кардиналите од целиот свет влегоа во таен процес за избор на нов папа
Прво миса, после избор. Кардиналите се собраа со Ватикан. Почна конклавата којашто треба да го даде името на новиот понтиф. Се чека белиот чад и пораката „Урби ет орби“, за светот да ја дознае веста за 267-от поглавар на Римокатоличката црква. Дотогаш, работите се чуваат во најстрога тајност…

Вратите на Сикстинската палата запечатени. Кардиналите од целиот свет влегоа во таен процес за избор на 267-миот папа на Римокатоличката црква. Во базиликата „Свети Петар“ ја одржаа последната миса пред почетокот на процесот за гласање за новиот понтиф. Деканот на колеџот, кардиналот Батиста Ре, повика конклавата да избере папа кој го цени единството во различностите и ги става личните интереси настрана.
„Тука сме да ја повикаме помошта на Светиот Дух, да се помолиме на неговата светлина и сила да биде избран папа, оној од кого црквата и човештвото имаат потреба во овој тежок, сложен и мачен момент од историјата“, изјави кардинал Џовани Батиста Ре – декан на Колеџот на кардинали.
Многумина сметаат дека станува збор за најголемата и најнепредвидливата конклава што досега се одржала. Право на глас имаат 133 кардинали кои од крајот на минатиот месец се во Ватикан, каде што одржуваа секојдневни состаноци за меѓусебно запознавање и споделување визии за иднината на црквата.
„Тие се плашат, сакаат да се осигурат дека на каков било начин нема да се оспори изборот на папа. Броењето се врши пред сите кардинали и се проверува, неколкупати. Ако некој добие двотретинско мнозинство, добиваме бел чад. Но, сепак тоа е многу веројатно за денеска, поверојатно сценарио е дека вечер околу 19 часот во Рим ќе видиме црн чад“, изјави отец Томас Рис – аналитичар во Релиџн њуз сервис.
На плоштадот „Свети Петар‘ во Рим, верници од целиот свет со нетрпение го очекуваат исходот од конклавата.
„Да се почувствуваме сите обединети во молитвата за Светиот Дух навистина да слезе врз секој од оние што мора да го изберат нашиот следен папа“, рече Алехандра Рохас – аџија од Санта Фе, Аргентина.
„Го чекаме новиот папа. Се надеваме дека ќе биде објавен што е можно поскоро, за доброто на целиот свет и за мир, и дека ќе ги прегрне сите. Очекувам папа како папата Франциск“, вели Армандо Стати – аџија од Кротоне, Италија.
Конклавата секој ден ќе гласање во два круга, еден наутро, другиот попладне. Чад се испушта од оџакот инсталиран на врвот на Сикстинската капела по завршувањето на секоја сесија од гласањето. Црн чад за неуспешно гласање, а белиот означува дека е избран новиот папа.
Маја Стојанова
