Сиљановска- Давкова: Посветени сме на европскиот пат, неодржливата состојба говори и за кредибилитетот на ЕУ
Граѓаните се посветени на европскиот пат, неодржливата состојба не говори само за нас, туку и за кредибилитетот на ЕУ, порака од претседателката Сиљановска-Давкова по средбата со хрватскиот колега Милановиќ. Ветото не е пријателски инструмент, децидна шефицата на државата. Гостинот рече дека не сака да дели совети, но ни укажа да не бидеме жртва на принуда за членство во ЕУ…

За јазикот, историјата, културата не се преговара-истакна шефицата на државата по средбата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на која во фокусот беше евроинтегративниот процес на земјава.
Претседателката посочи дека пристапувањето кон ЕУ треба да се базира на Копенхашките критериуми, кои Македонија одамна ги има исполнето. Според неа, на сите им се познати ирационалните причини зошто сè уште сме пред вратите на Унијата, кои освен на нас, прават штета и на угледот на ЕУ. Ветото не е пријателски инструмент, став на претседателската Сиљановска-Давкова.
Да не дозволиме да станеме жртва на процесот за влез во Европската унија-порача хрватскиот претседател Милановиќ. Тој јасно го посочи проблемот со нашиот источен сосед, и потсети на правилото за консензус во рамките на Унијата, поради кое нема многу простор за надеж нешто да се промени. Смета дека советите од европските институции, треба да ги примаме со резерва, но, вели и властите да постапуваат според сопственото убедување.
Претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека граѓаните остануваат посветени на европскиот пат.
Во текот на месецов, во посета на Македонија ќе пристигнат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос. Шефицата на државава очекува на средбите да се разговара за можни решенија за излез од статус кво состојбата.
Марина Стојанова-Тонева
