Руско - украински конфликт

Во сила едностраното тридневно примирје прогласено од Москва

08.05.2025 09:59

Нови руски напади во Украина и покрај тоа што Кремљ прогласени еднострано тридневно примирје. Русија се подготвува за парадата на Денот на победата над фашизмот. Дел од светските лидери веќе се во Москва. Украина не потврди дека ќе го почитува прекинот на огнот. Зеленски бара едномесечно замолчување на оружјето.

Руското тридневно примирје еднострано прогласено од Путин стапи во сила спроти годишнината од Денот на победата, но украинските власти продолжуваат да ја изразуваат својата неподготвеност за мир - велат од Кремљ.

„Киевскиот режим сè уште не дал ниту една изјава за својата подготвеност да се придружи на оваа иницијатива. Слушнавме многу двосмислени и различни изјави на различни нивоа и гледаме реални дејствија“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

И покрај прекинот на огнот на кој Украина не се обврза, нови руски напади се регистрирани во регионот Суми. Зеленски не се откажува од предлогот за едномесечно примирје, истакнувајќи дека Русија не понудила никаков одговор освен продолжување на агресијата.

„Ние не го повлекуваме овој предлог, што би можело да ѝ даде шанса на дипломатијата. Но, светот не гледа никаков одговор од Русија освен нови напади. Ова им става на сите до знаење кој е изворот на оваа војна“, истакна украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Од друга страна Русија јавува за пресретнати украински дронови кон Москва додека рускиот претседател се среќава со меѓународните лидери кои пристигнаа во земјата за парадата. Вашингтон потврди дека Русија барала премногу во својата првична мировна понуда. Трамп незадоволен од ситуацијата, истакна дека стигнува до точка каде што ќе мора да донесе одлука.

„Доаѓаме до точка каде што треба да се донесат некои одлуки. Не сум задоволен од тоа“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.

Министрите за одбрана на ЕУ од дводневниот самит во Варшава изразија поддршка за Украина, ставајќи фокус на зголемениот притисок врз Русија, но и на зголемувањето на трошоците во одбраната.

„Ги разгледуваме следните чекори за да го зголемиме притисокот врз Путин, да го подготвиме 17-тиот пакет санкции, но и да го зголемиме нашиот европски удел во одбраната“, изјави Маргус Цахна, министер за надворешни работи на Естонија.

„Во моментов е многу важно да застанеме зад Украина. Сите можат да видат дека нашите американски пријатели се во позиција каде што веројатно многу брзо ќе одлучат дали ќе се откажат од ова или не“, изјави Ларс Локе Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.

Поранешниот американски претседател Бајден, пак предупредува дека пристапот на Трамп кон војната во Украина со историско смирување на диктаторите, и отстапките кон Путин, би можеле да ја загрозат безбедноста на Европа и водечката улога на САД во светот.

Бојана Крстевски