воен конфликт

Тридневниот договор за примирје на Путин стапи во сила

08.05.2025 15:20

Тридневниот договор за примирје на Путин стапи во сила. Украина тврди дека Русија веќе го прекршила. Зеленски не отстапува од предлогот за едномесечен прекин на огнот, парадата на Путин е парада на цинизам и лаги-изјави тој. Трпението во Вашингтон се губи. Трамп незадоволен вели-стигнуваме до точка каде што ќе мора да донесе одлука.Министрите за одбрана на ЕУ од дводневниот самит во Варшава изразија поддршка за Украина, ставајќи фокус на зголемениот притисок врз Русија, но и на зголемувањето на трошоците во одбраната...

Руското тридневно примирје еднострано прогласено од Путин стапи во сила спроти годишнината од Денот на победата, но украинските власти продолжуваат да ја изразуваат својата неподготвеност за мир-велат од Кремљ.

„Киевскиот режим сè уште не дал ниту една изјава за својата подготвеност да се придружи на оваа иницијатива. Слушнавме многу двосмислени и различни изјави на различни нивоа и гледаме реални дејствија“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

И покрај прекинот на огнот на кој Украина не се обврза, нови руски напади се регистрирани во регионот Суми. Зеленски не се откажува од предлогот за едномесечно примирје, истакнувајќи дека Русија не понудила никаков одговор освен продолжување на агресијата, нарекувајќи ја парадата во Москва парада на цинизам, горчливост и лаги.

„Тоа е уште една парада на цинизам и лаги. Доказ за бездната меѓу нас и злото. За нив, идолот е старецот на Црвениот плоштад кој ги одзеде животите на милиони. За нас, хероите се херои меѓу нас и секој од нас сака да завладее тишина и да преовлада мирот. Ние се бориме за тоа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од друга страна Русија јавува за пресретнати украински дронови кон Москва додека рускиот претседател се среќава со меѓународните лидери кои пристигнаа во земјата за парадата. Вашингтон потврди дека Русија барала премногу во својата првична мировна понуда. Трамп незадоволен од ситуацијата, истакна дека стигнува до точка каде што ќе мора да донесе одлука.

„Доаѓаме до точка каде што треба да се донесат некои одлуки. Не сум задоволен од тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Министрите за одбрана на ЕУ од дводневниот самит во Варшава изразија поддршка за Украина, ставајќи фокус на зголемениот притисок врз Русија, но и на зголемувањето на трошоците во одбраната.

„Ги разгледуваме следните чекори за да го зголемиме притисокот врз Путин, да го подготвиме 17-тиот пакет санкции, но и да го зголемиме нашиот европски удел во одбраната“, изјави Маргус Цахна, министер за надворешни работи на Естонија.

„Во моментов е многу важно да застанеме зад Украина. Сите можат да видат дека нашите американски пријатели се во позиција каде што веројатно многу брзо ќе одлучат дали ќе се откажат од ова или не“, изјави Ларс Локе Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.

Поранешниот американски претседател Бајден, пак предупредува дека пристапот на Трамп кон војната во Украина со историско смирување на диктаторите, и отстапките кон Путин, би можеле да ја загрозат безбедноста на Европа и водечката улога на САД во светот.

Бојана Крстевски