Ватикан

Повторно црн чад над Сикстинската капела

08.05.2025 12:43

И во вториот обид, нема наследник на Папата Франциск. Црн чад над Сикстинската капела. На плоштадот „Свети Петар“ повторно собрани илјадници верници во исчекување на исходот од конклавата …

Повторно црн чад се издигна од оџакот над Сикстинската капела сигнализирајќи дека и по првото утринско гласање нема нов наследник на Франциск. Следува втор круг гласање на 133-те кардинали кои влегоа во вториот ден во процес за избор на нов папа. Одговорот на конклавата за избор на 267-от понтиф на Римокатоличката црква се очекува подоцна додека нивното гласање доколку нема консензус, ќе продолжи и попладне со две гласања, но и во наредните денови-се до белиот чад кој ќе го означи изборот на новиот папа.

„Последните шест конклави не траеја повеќе од четири дена. Најдолгиот избор, мислам, беше на папата Јован 23, кој траеше четири дена за да биде избран. Веднаш по него следеше изборот на Јован Павле втори, а тоа е затоа што неговиот избор се случи по неочекуваната смрт на Јован Павле први. Во овој Колеџ на кардинали со многу различни мислења, особено фактот дека тие не се познаваат, можеме да почнеме да мислиме дека можеби деветте дена по смртта на Франциск и пред конклавата не беа навистина доволни за да проценат која од овие црвени капи е вистинската личност за работата. И затоа можеби ќе потрае подолго време“, изјави Клер Џанграве, новинар.

На плоштадот „Свети Петар“ повторно собрани илјадници верници во исчекување на исходот од конклавата. Многумина сметаат дека станува збор за најголемата и најнепредвидлива конклава што досега се одржала. Кардиналите кои го избираат наследникот се поделени во реформатори, следбеници на Франциск, умерени и конзервативци. Преовладува крилото на понтифот погребан во Света Голема Богородица.

Маријана Димовска