Отворена новата градинка „Пролет“, ќе се згрижат 173 деца
Градоначалникот Горан Герасимовски, истакна дека градинката е завршена за помалку од три години, целосно финансирана од општината, без задолжување.

Денеска Општина Центар свечено ја отвори новата градинка „Пролет“, современ објект изграден од темел според сите безбедносни и функционални стандарди, со капацитет на згрижување на 173 деца, на површина од 3.200 метри квадратни.
Градоначалникот Горан Герасимовски, истакна дека градинката е завршена за помалку од три години, целосно финансирана од општината, без задолжување.
„Оваа градинка не е само зграда – туку симбол на визија, вложување во иднината и одговорно водење. Во еден мандат – започнавме, изградивме и денес свечено ја отвораме! Темелите ги поставивме во јуни 2022 година. И еве нè денес – пред најубавата градинка во целиот регион“, изјави Герасимовски на отворањето.
Тој посочи дека за помалку од три години објектот е целосно изграден, опремен и со сите потребни дозволи од Министерството за труд и социјална политика.
