Нема селективност, истрагата за пожарот во Кочани ќе заврши во предвидениот рок- уверува Коцевски
Нема многу детали, но нема ниту пролонгирање на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вели обвинителот Коцевски. Тој денеска се појави на Советот за јавни обвинители…

Нема да има пролонгирање на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, уверува државниот обвинител Коцевски. Ако сè оди со предвидената динамика, идниот месец може да се очекува јавнообвинителска одлука.
Коцевски рече дека тимот обвинители е поделен – едни анализираат докази и сослушуваат сведоци и очевидци во Кочани, а други во Скопје. Тврди дека не му се вршат притисоци и оти обвинителството постапува неселективно.
„Во моментов има јавни обвинители кои работат и во Кочани и во Скопје, така што согласно динамиката со која работат, мислам дека нема да има никаков проблем да се заврши постапката во предвидениот рок. Нема никаква селективност досега, нема да има ни понатаму. Како што веќе имам кажано, сè до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, меѓутоа тоа зависи од доказите и од она што јавните обвинители ќе го обезбедат“, рече обвинителот Коцевски.
Животозагрозувачки пациенти, за среќа нема, но сè уште има триесетина со сериозни повреди. Од ресорот здравство велат дека нивното заздравување ќе трае подолго време.
„Бројката се менува и варира. Последните информации кои ги имам е дека 25-30 пациенти се во процедура за враќање, но повредите кои ги имаат се сериозни и бараат третман кој ќе биде долгорочен и кој ќе трае“, вели д-р Игор Николов, советник во Министерството за здравство.
Пратеничката група на СДСМ во Собранието поднесе предлог-закон за поддршка на настраданите во пожарот и ги повика колегите пратеници да дадат поддршка за предложениот текст.
Досега во Црвениот крст се собрани 22 милиони евра, дел од парите им се предадени на семејствата.
За пожарот во дискотеката „Пулс“ осомничени се околу 70 лица, а околу 300 ќе бидат сослушани како сведоци или очевидци. Под истрага се поранешни и актуелни министри, градоначалници, лица вработени во Министерството за економија, Пазарниот инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување.
Анита Димитријевска – Велковска
